Како да помогнете да се надмине срамот кај вашето дете?
Сите деца се различни и единствени. Сите имаат свој темперамент кој ја одредува нивната интеракција со светот. Тоа го одредува начинот на кој детето реагира на другите луѓе, активностите како и нови ситуации во кои ќе се најде. Неговата снага, енергија и расположение.

Срамежливите дечиња потешко вопсоствауваат контакт со очи, често зборуваат со тивок тон и наведнато главче, додека нешто имаат во рачето или чепкаат со ноѓето. Потешко се охрабруваат да влезат во активност со други деца или возрасни.
Но тие се одлични слушатели и опсервери. Кога не зборуваат со други деца се многу свесни за се што се случува околи нив. Ваквите дечиња можат да бидат одлични тимски играчи, зошто им е важно што другите мислат за нив. Можат подобро да ги видат целите отколку личната корист.
Како да помогнете?
Не го именувајте вашето дете како срамежливо и не дозволувајте тоа да го прават ниту другите. Наместо тоа, бидете подготвени да кажете нешто како „На Дејан понекогаш му треба малку време да се подготви, тој ќе дојде кога ќе биде подготвен да игра“. Дајте му време на вашето дете да се припреми за новите социјални ситуации и останете блиску до него додека не видите дека се чувствува пријатно во дадената ситуацијата.

Немојте премногу да го охрабрувате бидејќи ова дава порака дека навистина има нешто од што треба да се плаши и може ненамерно да ја зајакне срамежливоста. Бидете конкретни кога го пофалувате вашето дете за користење на неговите социјални вештини – на пример, „Дали виде како тета Весна се насмеа кога и кажа добро утро?“ .Охрабрувајте ги договорените термини за игра со само уште едно дете во исто време. Поминувањето време заедно со едно другарче помага да се изгради врска што може да се пренесе во поголеми групни ситуации. Бидете тренер на вашето дете – однапред размислете за социјалните ситуации и поучете го вашето дете на кои начини може да комуницира со другите, како што се воспоставување контакт со очите, насмевка и спремни неколку прашања за да започнете разговор. Разговарајте за претстојните социјални ситуации и дајте му шанса на вашето дете да излезе со идеи за тоа како може да им пристапи на нив. Вратете се подоцна и разговарајте за тоа како овие идеи функционирале или не функционирале.Застанете настрана и воздржете се да се вклучите во разговорот кога ќе видите дека вашето дете добро се снаоѓа кога разговара со други деца или возрасни.

Бидете подготвени да дадете малку потик или да го дообјасните некое прашање ако видите дека вашето дете се губи или не го разбира прашањето во разговорот.Обидете се сами да моделирате самоуверено социјално однесување, за вашето дете да може да гледа и учи од вас – голем предизвик ако сте срамежливи, но и одличен момент за учење за вашето дете.
Доколку потешко се снаоѓате и чувствувате дека ви треба подршка, побарајте консултација од професионално лице.

Вида Гаврилоска Бубалова
Психолог, европски сертификуван терапевт и тренер