Одгледувањето и воспитувањето на деца некогаш и сега

Пишува: Наташа Бекирова

Многумина ќе речат: Да се  биде родител е можеби најубавата улога која човек ја добива во текот на животот.  Но колку често баш таа улога предизвикува главоболка, страв, чувство на несоодветност во постапувањето?

Колку родителството е поразлично сега, од пред низа генерации пред нас?

Колку брзиот ритам на живот, брзите промени на општеството и различните вредности влијаат на родителството?

Порано…

На нашето македонско тло, пред само неколку генерации, семејствата биле  во најголем број проширени и во нив живееле најмалку 3 генерации. Децата биле одгледувани и воспитувани од сите во тоа семејството.  Одговорноста за детето била подеднаква за сите возрасни. Времето поминато со децата исто така била споделена.

Вредностите за воспитувањето деца  кои тогаш биле важни се:

-Родителите одлучуваат, детето почитува. Постои цврста хиерархија во односот родител- дете

-Детето треба да биде самостојно, одговорно, вредно, да помага во семејството

-Она што го одлучува родителот е секогаш најдобро за детето, нема несигурност во ставот и нема двоумење во поставените правила

-Децата се одговорни за своите постапки

-Сосема е во ред децата да поминуваат на улица играјќи и повеќе од 5-6 часа во денот

-Одгледувањето на децата е интуитивно и спонтано

-Најчесто татковците работеле а мајките биле дома со децата

-Семејствата биле повеќедетни

Сега…

-Семејствата се се почесто составени од родители и деца

-Семејствата се најчесто со едно или две деца

-Најчесто двата родители се отсутни поголемиот дел од денот.  Се повеќе институции учествуваат во процесот на воспитување: градинки, училишни престои , едукативни центри , игротеки

-Родителите се рамноправни со детето и заедно носат одлуки спрема потребите на децата

-Постојат тон универзални правила за родителство кои родителите се трудат да ги применуваат

-Децата како семејни членови најчесто имаат многу права, а малку одговорности

-Главно, одговорноста за децата припаѓа на родителите

-Медиумите се преполни со насоки и правила за тоа што значи да се биде добар родител, како совршено да се постапи во секоја предизвикувачка ситуација во одгледувањето на детето

-Спонтаноста и интуитивното постапување на родителот е се поретко. Се повеќе родителите се консултураат со одредени универзални правила и книги, наместо да следи вистинската потреба на детето. Така, родителите се почесто имаат  чувство на некомпетентност и несигурност

-Децата скоро и не излегуваат на улица, во природа

-Родителот е тој кој треба да му обезбеди забава и да ги анимира децата, да им обезбеди “активно време” за да не им е досадно.

-Критериумите за успешност во родителството се многу повисоки и променети. Западот ни постави високи граници за тоа што значи да си успешен на сите полиња

Што изгубивме од порано, а што добивме сега?

Ја изгубивме спонтаноста и интуитивното постапување на родителот кон своето дете. Родителската самодоверба е се пониска.

Можеби ја изгубивме здравата хиерархија помеѓу родителите и децата

Имаме се повеќе физички и психички преморени родители кои дома доаѓаат после 17ч и со последни атоми сила се трудат да ги анимираат децата, да поминат време со нив

Добивме деца кои се се помалку  одговорни за своите постапки, млитави кон придржување до правила, незадоволни од себе, со ниска самопочит и слаби социјални вештини

Добивме деца кои полека но сигурно се оддалечуваат од природата, растат во четири ѕида, пред разнобојни, светкави  екрани

Добивме несигурни родители кои се под континуиран притисок дека нешто погрешно прават за своите деца, дека некаде грешат… Оптеретени со чувство на вина дека тие не ја завршиле добро работата

Добивме родители кои немаат психолошка моќ над своите деца, не успеваат да го контролираат однесувањето на своите деца

Од друга страна добивме деца кои се послободни во своите избори, деца со пошироки видици и отворен ум

Добивме деца кои имаат право да изберат

Добивме поасертивни деца кои се спремни посилно да се борат за своите права и она што им припаѓа

Добивме деца кои се интелектуално постимулирани, поедуцирани

Добивме деца на кои им се дозволува да бидат деца, и не се товарат со обврски кои не соодветствуваат за нивната возраст, како што тоа се правело порано

И сега, кога веќе можеме да ги видиме разликите и резултатите, каде е балансот?

Колку во ова ново и динамично време е возможно да се одржат старите и новите вредности кои се квалитетни?