Пишува: Мони Кузмановска

Од експертите ќе слушнете дека најстресните три работи кои можат да се појават во животниот циклус на поединецот и семејствата се: развод на брак, загуба(смрт) на близок член од семејството и преселба.
Високо на листата се наоѓа преселбата во друга земја, особено во земја каде временската зона е различна од матичната земја, оддалеченоста помеѓу двете места и секако културолошката дискрепанцакои ќе ви го афектираат периодот на адаптација.
Преселбата во друга а народски кажано „туѓа земја“ е многу тешка одлука, на која и претходат доста подготовки без разлика дали тоа ќе го прави поединецот сам или ќе бидат вклучени и останатите членови. За жал не секогаш се вклучени сите членови од семејството што допринесува уште повеќе кон тежината на овој чекор.
Без оглед колку подготовки да се направат во процесот, на голема врата ќе се појават психолошките аспекти на емигрирањето за кои е тешко човек да се подготви.
Најпредизвикувачкиот аспект во текот на овој процес е чувството на растргнатост помеѓу двете места. Се доживуваемоционална истоштеност при одржување на врските кои се изградиле во матичната земја и при воспоставување и градење нови како би постигнале квалитетен живот во новата земја.
Внатрешната борба да се задржи стариот начин на живот (кој/а бев јас) и да се воспостави нов (кој/а сум јас сега и што правам) ќе бидат тригери и одржувачи на психолошките потешкотии со кои ќе треба да се соочите.
Психолозите сметаат дека во процесот на емиграција луѓето имаат пет пати поголеми шанси да страдаат од емоционален и ментален стрес споредено со процесот на развод на брак.Како и со другите пропратни елементи на процесот на развод на бракот, стресот не е нужно поврзан поради добивањето на два дома туку поради, разликите во истите и квалитетот на живот.
Нова земја нови правила
По кратко време откако ќе се преселите во странство, „земјотресот“ ќе започне. Потешкотии во усогласувањето на правилата, разлики во опкружувањето, недостаток од квалитетни релации, преиспитување на одлуката и уште многу други промени ќе придонесат непотребниот стрес да расте и да влијае на вашето тело и ум. Колку повеќе се „негува“ чувството на растргнатост помеѓу два дома толку поголема ќе биде цената за наплата, т.е ќе расте емоционалнатаи менталната нестабилност.
Како да си помогнете себеси
Справувањето со стресот од емиграцијата може да бара објективен пристап за да се воспостават механизми за справување со овие емоции.Излезете од срцето и влезете во главата, оддвојте се од емоциите и црпете снага од когнитивните процеси. Разумот да завладее. За да се справите со разликите, како и со анксиозноста од разделување, неопходно е да се фокусирате на вашата непосредна околина и да го приспособите вашето размислување за да ги исклучите штетните мисли кои ве ставаат во судир со вашиот стар дом или ги поттикнуваат чувствата на загуба.
Не секогаш овој процес е лесен, особено кога сте опкружени со луѓе кои ќе поминуваат низ горе-долу исти или слични предизвикувачки процеси, па се поставува прашањето колку си помагате или одмагате во тој процес.
Не заборавајте секогаш постои алтернатива, разговор со терапевт.